Македонскиот репрезентативец Немања Прибак попладнево беше на лекарски прегледи, откако на синоќешниот тренинг го повредил скочниот зглоб. Настапот на Европското првенство не е доведен во прашање, но Раул Гонзалес нема да може да смета на услугите на Немања Прибак за претстојните контролни средби против Саудиска Арабија и Србија што македонската репрезентација ќе ги игра во Белград следните два дена.
„Лекарите утврдија дисторзија од втор степен на скочниот зглоб. Ми беше препорачано целосно мирување во следните 72 часа, така што за жал нема да можам да помогнам на претстојните контролни натпревари. Како што стојат работите во моментов, 90% сум сигурен дека ќе можам да настап на ЕП. Тоа е моја голема желба, да помогнам да оствариме што подобар резултат и ќе сторам се за што поскоро да ја санирам повредата“ – изјави Прибак за порталот „Екипа“.
Репрезентацијата утре рано патува за Белград, каде попладнето од 18:00 часот ќе игра против Саудиска Арабија, додека во петок во истиот термин против репрезентацијата на Србија.