И по проспиената ноќ, чуството е исто – Вардар никогаш не бил поблиску до триумф над Барселона. Сепак, по таа (не)проспиена ноќ, полесно е да се направи реална, издржана анализа околу причините за триумфот на европскиот првак Барселона над Вардар.

Принципиелно, ние во МакРакомет одбиваме да ги кривиме судиите за поразите на нашите екипи. И веднаш да расчистиме една дилема – Данците Гјединг и Хансен имаа неколку грешки, но не се и не можат да бидат виновници за поразот на Вардар. Во неделата можеби имаше одлуки на штета ба Вардар, но од друга страна Вардар сезонава, како впрочем и минатата, добива извонредно судење, особено на гостинските мечеви, и тоа не смее да го игнорираме. Затоа, да ги побараме причините за поразот меѓу играчите и стручниот штаб.

Ако внимателно го анализираме мечот, ќе мора да бидеме самокритични, и да заклучиме дека Вардарци сами загубија веќе добиен натпревар. Ова особено се однесува на последните 10 минути во мечот. На семафорот стоеше 50:53, 9 минути и 7 секунди до крајот, кога Вардар поведе со 24-22. И од тој момент, домашните играчи како да се исплашија од победата. Неверојатна 5-0 серија за неполни 7 минути за конечен исчекор на Барселона кон нови 2 бода од дуелите со Вардар. А во тие 7 минути, Вардар промашуваше зицери (Шишкарев), правеше почетнички грешки (Циндриќ), шутираше точно во и онака феноменалниот Варгас (Македа). На спротивната страна, искусните крила Сигурдсон и Томас, разбивачот Жалу и горостасот на линијата Сипрзак, беа непогрешливи.

Поразите се составен дел од спортот. И апсолутно не е страшно да се загуби од европскиот првак Барселона, чија игра, рака на срце, не е ни сенка од она што го прикажуваше минатата сезона. Сепак, и со таква игра, и со дел од играчите вон форма, тренерот Пасквал дојде до триумф. Тој исклучително итро ја водеше екипата до победа. Кога во првото полувреме Вардар започна силовито (7-3 во 13-та минута, 10-6 во 17та и напад за +5), кога публиката создаде невидена атмосфера, Пасквал знаеше дека мора да направи се, за да ја врати Барса во игра. Така, веќе во 13-та минута викна тајм-аут, почна да ротира барајќи ја најдобрата постава, но и беше гласен на клупата, вршејќи притисок врз официјалните лица. Искусниот тренер направи се за да се врати во мечот и во тоа успеа (со серија од 6-1) Барса прв пат доаќа во водство.

Тоа сепак не може да се каже за тренерот на Вардар, Раул Гонзалес. Не може да се оспори тоа дека Раул преферира допадлив, брз ракомет, и со Вардар направи препознатлива игра, досега нетипична за македонските ракометни клубови. Но се добива впечаток дека можеше подобро да се изреагира во дадени ситуации. На пример, премногу долго го држи Циндриќ во игра на местото на Карачиќ, во последните 10 минути, мораше порано да викне тајм-аут за да ги смири играчите, Брумен мораше да добие шанса пред вчера слабиот Шишкарев, Македа мора да добива поголема минутажа (Душебаев вториот и последен гол на мечот го постигна во 56та минута). Да не зборуваме дека во ситиуација кога имаш квалитетно крило како Манасков на клупа, бесмислено е да се форсира Дибиров 60 минути и во одбрана и во напад. И веројатно и тука, може да се бара причината за поразот. Раул освен што го направи Вардар допадлив за око, треба да го направи и победник на големите мечеви.

Сепак, да повториме – пораз во ЛШ, особено од европски гигант како Барселона не е страшен. Напротив Вардар и сите негови фанови треба да се горди на прикажаната игра во двата дуела. Она што е страшно е да не се биде самокритичен и да не се анализираат грешките во своите редови. Веруваме и се надеваме дека во Вардар, како исклучително професионален колектив, реално и сериозно ќе ги анализираат мечевите (за разлика од дел од медиумите) и ќе се корегираат во идните дуели. А на Вардар, допрва му следуваат тешки мечеви за врвот на табелата.

Со 10 освоени бодови, македонскиот првак моментално е на делба на 3-то место со Пик Сегед и Киелце, и само бод зад второпласираниот Рајн-Некар Левен. До крајот, Вардар им гостува на ови три екипи и ќе се обиде во директни дуели да дојде до што повисоко место во пресрет на елиминациските дуели. Прв таков меч, Вардар има веќе во сабота, кога му гостува на Киелце, во обид да ја повтори играта од првиот нивен дуел годинава и да дојде до нови, значајни бодови.