филип чурлевски македонија

Македонската ракометна репрезентација денес ги продолжува настапите на СП во Германија и Данска. Иако, желбата на ракометарите и на целата спортска јавност Македонија денес да настапи во втората главна фаза од шампионатот, наместо дуел со домаќинот Германија, денес имаме дуел со Русија, во рамки на президент купот, за пласман од 13-то до 16-то место.

Русија, и на ова првенство, како неколку пати претходно, имаше големи осцилации во настапите. Но она што е важно е дека речиси со сите противници играше рамноправно. Нерешено со Србија и Германија, пораз од еден гол разлика од Франција, тесен пораз од Бразил и убедлива победа над Кореа. Резултати кои ја прават Русија фаворит на денешниот меч. Впрочем, според игрите и резултатите, немаше да биде незаслужено ако Русија продолжеше во главната група и борба за полуфиналето.

Прашање е во каков состав ќе го почне Македонија овој меч. Имено, иако секогаш е предизвик да се биде место погоре на табелата, за очекување е Раул непотребно да не ги форсира најискусните, особено Кире Лазаров. Веројатно Раул денес ќе комбинира, многу поголема минутажа ќе им дава на помладите, без притоа да прави хокеарски измени (цела прва постава или цела втора постава на терен). А дали младите ќе ја искористат таа шанса, останува да видиме. Дали ќе гризат на терен, за да покажат дека на нив може да се смета, или ќе излезат рутински да одработат – останува на нив.

Мечот се игра во Келн со почеток во 13.00ч, со директен пренос на МРТ1.