По лошиот натпревар во Марибор, кога репрезентацијата на Словенија не совлада со убедливи 35:17, денес на теренот гледавме една друга македонска репрезентација. Репрезентација која им парираше на искусните ракометарки на Словенија до самиот финиш, каде имавме шанси во последниот напад да дојдеме до нерешен резулатат и прв бод после долго време.

Но, сепак неискуството си го направи своето. Последен напад, кој никој можеби не го очекуваше, напад во кој ракометарките немаа решение како да одиграа и да направат големо изненадување. По што, репрезентацијата на Словенија не совлада по втор пат, овојпат минимално со 22:21.

Ракометарките одиграа натпревар во кој одбраната беше на високо ниво, одбрана која успешно ги задржа бековите и нивните продири. Истотака една од најзаслужните беше и расположената Серафимовска, која натпреварот го заврши со 11 одбрани. Во нападот ракометарките на почетокот играа тешко, но после црвениот картон на Керамичиева играта се смени. Одиграа разновидно во нападот, Ливриниќ и Стојановска одлично го предводеа нападот, асистирајки до Николиќ и Гакидова, кои покажуваат дека се одличен тандем на пикерската позиција. Кога не одеше во средината, ја рашируваа играта каде Саздовска и Ристовска ја искористија својата шанса и максимално сконцентрирано шутираа на голот.

Накратко, нашите ракометарки покажаа квалитет, покажаа дека можат да одиграат многу подобро и дека оној натпревар во Марибор, беше само еден лош ден за нашите ракометарки.

Останува да продолжат со работа нашите ракометарки, каде во следните два натпревари против Хрватска и Црна Гора да одиграат на уште повисоко ниво и покажат дека следува блескава иднина во женскиот ракомет за некоја година.

Најефикасни во нашата репрезентација беа Стојановска со 5, Гакидова, Саздовска и Ристовска со по 4 погодоци, додека кај гостите Тамар Мавсар со 7 постигнати погодоци.