Утре во СРЦ „Кале“ од 19:00 часот, женската ракометна репрезентација на Македонија ќе го игра првиот од двата натпревари во рамките на квалификациите за ЕП 2018 во Франција, против репрезентацијата на Шведска.
Досега со две победи во вкупно одиграните четири средби, Македонија се наоѓа на третото место на табелата со 4 бода, односно 2 бода помалку од лидерите Шведска и Србија, додека Фарски Острови се последни без бодови.
Македонија не е во фаворитска улога во овие завршни дуели против двете водечки репрезентации во групата, но теоретски шанси за пласман на ЕП се уште постојат, а на македонските ракометарки им преостанува да се борат до последен момент, посебно на утрешниот натпревар пред домашната публика.
„Теоретски ние сме во игра, но во последните два натпревари влегуваме растоварено без притисок и без калкулации за второ или трето место. Имаме голем респект за противниците. Шведска во изминативе години е доминантна, Србија има искусен и квалитетен состав. Наша задача ќе биде да ја играме нашата игра, да пружиме достоен отпор и да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже. Ако успееме во тоа, резултатот ќе си дојде само по себе. Треба трпение и треба работа“ – изјави селекторот Симе Симовски.
Пласман на ЕП 2018 во Франција обезбедуваат првите две репрезентации од секоја група и најдобрата третопласирана во квалификациите.
По завршувањето квалификациските натпревари, Симе Симовски со репрезентацијата во проширен состав со неколку младинки продолжува со подготовките за настапот на Медитеранските игри во Тарагона кои стартуваат на 22 јуни.
Натпреварот против Србија е на програмата на 3 јуни со почеток во 18:00 часот во Ниш.