Ракометарките на ЖРК Металург денес отпатуваа за Данска, каде викендов ќе играат два натпревари против екипата на Тим Холстебро, во рамките од третото коло од Купот на победниците на куповите.

Нешто што, без разлика на финансиските проблеми, раководството мораше да се потруди околу тоа да едниот натпревар се одигра во Автокоманда, бидејќи девојките заслужија да играат пред својата публика. Публика која со нетрпение чекаше да дојде третото коло и да ги види девојките како се надигруваат со големиот Тим Холстербо.

Останува прашањето „Дали раководството на ЖРК Металург предвреме ги отпиша девојките?“ или пак едноставно не можеа да си дозволат да платат за возвратниот натпревар да се одигра во Скопје. Потег кој ние крајно го осудуваме, бидејќи вака не може да се оживее женскиот ракомет во Македонија. Кога и најмалата светла точка, сами ја гасиме!

Едноставно девојките кои цела година напорно тренираа, за да го постигнат овој успех, со оглед на условите кои ги имаат и малиот број на натпревари, мораше да им се обезбеди реванш натпреварот да се одигра во Скопје. Бидејќи најголемата награда за девојките е публиката, а таа несомнено ги поддржува и им посакува многу успех во овој дуел.

Предводени од Дајана Јовановска, која после двете одиграни кола се наоѓа на третото место на листата на стрелци со 17 постигнати погоди, ракометарките ќе пробаат да се спротистават на фаворизираниот Тим Холстебро. Каде ќе го покажат својот квалитет, воедно и докажат на раководството на ЖРК Металург дека направија голема грешка околу играњето на двата натпревари нагости.

Голема помош на Јовановска во нападот се очекува од бековите Величковка, Белеска и Ливриниќ кои се надеваме конечно ќе се усогласат и ќе одиграат на едно високо ниво, цели 60 минути. Во одбраната се очекува Дабевска и Стојковска да бидат клучните столбови, помогнати од одличните крила Саздовска и Петковска да пробаат да ги сопрат одличните две крила Херем и Андерсен, бековите Хансен и Робертс, како и најдобриот стрелец од минатата сезона во ЕХФ Купот, Натали Хагман која е носител на играта на данската екипа.

Тим Холстебро моментално е на третото место на табелата, веднаш зад Митјиланд и Есберг. Големо разочарување за данкините беше поразот во полуфиналето од купот на Данска, од екипата на Виборг со 24:27. Но, за веднаш потоа во првенството го победат првопласираниот Есберг со 25:20. Работи кои многу зборуваат за квалитетот на оваа екипа, но и за нивните падови во играта.

Останува нашите ракометарки да го дадат својот максимум овој викенд, со што достоинствено ќе го престават македонскиот женски ракомет, па зошто и да не се вратат победнички и да ги израдуваат љубителите на женскиот ракомет во Македонија.

Среќно девојки!