Новиот селектор на машката ракометна репрезентација на Македонија, Раул Гонзалес во интервју за шпанските медиуми изјави дека основна цел во неговиот тригодишен договор со РФМ (кој важи до септември 2020 година) е пласман на ОИ во Токио.
Гонзалес од 2014 година доста успешно го предводи РК Вардар, со кој се очекува оваа сезона конечно да влезат во Ф4 турнирот во Келн. Воедно истакна дека понудата да биде селектор на Македонија е нов предизвик во својата тренерска кариера, особено тоа што ќе биде тренер на две места.
„Воопшто нема никаков притисок. Тоа е гордост затоа што мојата работа е наградена. Потпишав договор до 2020 година со цел да ја однесам Македонија по прв пат во историјата на Олимписки игри, во Токио 2020. Во Македонија ракометот се доживува на посебен начин и морав да ја искористам оваа можност. Тоа за мене е ново искуство и мислам дека сум подготвен да одговорам на предизвикот. Да се биде тренер значи да се откажеш од одмор, но јас сум уште млад и мислам дека имам капацитет да одговорам успешно и на двете цели. Се надевам дека се ќе оди добро“ – изјави Гонзалес.