Шпанскиот стратег на македонскиот ракометен шампион РК Вардар, Раул Гонзалес е новиот селектор на македонската машка сениорска репрезентација. Едногласно комисијата на РМФ го изгласа како најповолен кандидат за предводење на нашата репрезентација, со кој потпишаа договор до 2020 година.
Официјалното деби на клупата на нашата селекција, Раул Гонзалез ќе го има на 5-ти април во дуелот од третото коло од квалификациите за ЕП во Хрвaтска, на домашен терен против Исланд.
„Благодарам на претседателот на Вардар, Сергеј Самсоненко што ми даде дозвола да преговарам, но, и до претседателот на Македонија за укажаната доверба. Ќе се вложам максимално како и секогаш. Кога си тренер сакаш да пробаш со многу играчи. Мислам дека нема да биде тешко вклопувањето бидејќи знам македонски и работам во близина. Не знам дали ќе го вратам Борко Ристовски бидејќи не сум целосно запознаен со ситуацијата, но, набргу ќе се реши тоа. Јас лично сметам дека можам да дадам добра работа за репрезентацијата“ – изјави Гонзалез.
„На седницата на УО едногласно одлучивме да биде Раул Гонзалез. Морам да го кажам моето задоволство кој е еден модерен светски тренр кој бележи одлични резсултати со Вардар и сметам дека ќе успее да го имплементира системот со Македонија. Со Раул потпишавме договор од први април оваа година па до први септември 2020 годиона. По секој циклус ќе се договараме што и како ќе биде понатаму“ – изјави претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.
МакРакомет му честита и му посакува многу успеси!