Заврши неделата на ЕХФ во која репрезентациите можеа да се соберат и практично да ги започнат подготовките за ЕП во Полска, кое ќе се одржи во јануари 2016. Како што и е познато на македонската ракометна јавност, нашата репрезентација играше на турнирот во Умаг, каде доживеа пораз од Хрватска и одигра нерешено со Црна Гора. Обрван најави дека резултатот тука ќе е во втор план и дека првична цел е да се види кој се може да биде дел од репрезентацијата во наредниот период.
Пред една недела, ние во МакРакомет напишавме дека, под претпоставка сите играчи да се здрави, Обрван треба да пронајде уште 5-7 играчи, покрај веќе сигурните. Наша проценка е дека сигурни во репрезентацијата за настап на ЕП се: Манасков, Ојлевски, Георгиевски и Костески (крила), Кире Лазаров, Митков, Прибак, Миркуловски, Јоноски (бекови), Стоилов (пивот), Ристовски (голман). Според нас, Обрван треба да пронајде 3-4 бекови, 1-2 пивоти, и голман. Се чини дека некои дилеми се расчистија.
Прво, Филип Талески и Филип Лазаров без сомневање ќе бидат дел од бековската линија. Кај Талески евидентен е напредокот и сосема е јасно колку многу му помага тоа што игра значајна улога во Металург во ЛШ. Игра и во напад и во одбрана и ако продолжи вака во наредните месец дена, Талески не само што ќе биде дел од репрезентацијата, туку очекуваме да добие значајна минутажа. Исто така, Филип Лазаров само потврди дека е сигурен дел од репрезентацијата. Капитенот на Вардар испрати силна порака, не само до Обрван туку и до Раул, дека на него може сериозно да се смета.
Второ, Жарко Пешевски сериозно се наметна и речиси го обезбеди местото како втор пивот во репрезентацијата. Пешевски, како и Талески, напредува извонредно (повторно благодарејќи на настапите во ЛШ) и ќе може сериозно да му помогне на Стоилов во жестоките битки на линијата.
Останува отворено прашањето за уште 1-2 бека, каде, според нас, битката за место ќе биде меѓу 3 играчи: Кузмановски и искусните Наумче Мојсовски и Велко Марковски. Според она што го гледаме, најблиску до место во репрезентацијата е Кузмановски. На младиот 19-годишен ракометар на Металург му преостануваат уште 4 мечеви во ЛШ и, ако продолжи да добива шанса, и ако дополнително напредува ќе биде во најтесна конкурнција за место во тимот. Голема непознаница е Мојсовски, но имајќи во предвид дека сме на 2 месеци пред ЕП, а Мојсовски сеуште не настапува за ниту еден клуб, јасно е дека тој во моментов е најдалеку од репрезентацијата. Голем знак прашалник стои и пред името на Велко Марковски. Факт е дека одбраната без Велко не е онаа на која сме навикнале изминативе години. Но не било кој Велко Марковски, туку оној кој го паметиме – во полна физичка форма и целосно концентриран на натпреварите.
За трет пивот најблиску е Никола Марковски, иако дури и неговата форма е под голем знак прашалник, но изборот на оваа позиција навистина е ограничен.
И последно голман, веројатно едно од најболните точки на оваа репрезентација. Борко Ристовски можеби брани во силна лига, но во моментов е далеку од вистинска форма. Секако, неговото место во репрезентацијата не е под знак прашалник. За втор и трет голман, битката е отворена. Иако не беше на поширокиот список од 28 играчи од пред некоја недела, се чини од сите голмани во најдобра форма е Дупјачанец. Даниел брани феноменално во ЛШ и бесмислено е да не биде дел од репрезентацијата. Дополнително, брани по цели натпревари и тоа го става во предност пред сите други голмани, особено Петар Ангелов и Никола Митревски. Диви имаше една, две добри партии сезонава, но поголемиот дел од мечевите го преседува на клупата на Вардар и тоа може да е сериозен проблем. Никола Митревски ја дели минутажата во Бенфика, прикажува солидни партии и како и секогаш е во најтесниот круг на голмани за во репрезентацијата. Кругот на голмани го затвораат Златко Даскаловски кој брани феноменално во романското првенство, и малку запоставениот голман на Струмица Макс, Благојче Трајковски, кој брани извонредно во СЕХА лигата и е можеби единствената светла точка во струмичката екипа.
Се на се, Обрван ќе мора да донесе некои помалку или повеќе тешки одлуки. Она што е јасно, е дека доколку се води од формата на играчите, од нивните настапи во клубовите, нема да згреши. Јавноста секако е на негова страна.