Македонската ракометна репрезентација денес го имаше официјалниот собир по кој почнуваат подготовките за Европското првенство во Хрватска, следниот месец. Видно расположени и полни со оптимизам, ракометарите со нетрпение го очекуваат новиот предизвик!

Голманот на нашата репрезентација, Борко Ристовски смета дека не сме репрезентација за полуфинале, туку дека нашиот квалитет може да не однесе на некое место од 5-то до 8-то место.

„Сакаме да кажеме дека Македонија заслужува медал, но да бидеме реални, ние не сме во првите пет селекции. Треба да се надминеме себеси за да го повториме пласманот од првенството во Србија. Можеме од 5-то до 8-мо место, мислам дека имаме квалитет и треба да бидеме чесни према нас и јасно да си ги поставиме целите. Доколку имаме нереални очекувања нема да постигнеме ништо. Ние посакуваме медал, но мора да поставиме реални цели за да одиграме подобро. Мораме на секој натпревар да влегуваме максимално и да се надеваме дека коцките ќе ни се поклопат за најдобар пласман. Нашата основна цел е пласман во втората фаза, а во зависност од пренесените бодови, ќе го бркаме нашето место во Хрватска“ – изјави Борко Ристовски.

На денешниот собир во хотелот „Александар Палас“ недостасуваа Талески,Миркуловски и Прибак, го немаше и селекторот Раул Гонзалес кој утре ќе допатува во Скопје.