Ако треба да се даде оцена за екипата на Металург во првиот дел од сезоната, таа би била умерено успешна.
Червар на почетокот на сезоната изјави дека Металург ќе игра борбено, цврсто и на победа на секој натпревар. Вети борба за едно од првите 2 места во групата на ЛШ и добри натпревари во СЕХА лигата. И најважно, продолжување на концептот започнат минатата сезона, градење на нов тим на Металург, со млади играчи.
Во ЛШ, Металург годинава имаше многу подобри настапи и резултати во споредба со минатата годена. Со 4 победи и 5 порази, на коло до крајот Металург е со реални шанси да заврши на 3-то место во групата, што иако не е доволно за понатамошен пласман, е значителен напредок во однос на минатата сезона. Се чини единствените киксови се поразите од Татран и Чеховски на гостински терен, каде Металург беше блиску до победа.
За разлика од ЛШ, во СЕХА Металург можеше да биде многу подобар. Три победи, една нерешена и 9 порази се премалку за македонскиот вице првак.
Што се однесува до индивидуалните оцени, од македонските играчи, највисоки оцени заслужуваат Талески, Кузмановски и Пешевски. Кај сите тројца, особено кај Талески и Кузмановски евидентен е напредокот сезонава. Настапуваат многу поконцентрирано и похрабро, и тоа може само да ги радува македонските фанови. Огромен напредок, и можеби најголемо изненадување претставува играта на Велковски, кој како одминуваше сезоната се повеќе се наметнуваше кај Червар, да сега стане незаменлив дел од екипата со голема минутажа. Од останатите, Марко Нелоски имаше одлични партии, но повторно се мачи со повредите, додека од Дрогришки повеќе се очекува во вториот дел од сезоната, кога уште подобро ќе се навикне на системот на работа во Металург. Костески можеше и мораше да биде подобар и доколку не го подигне нивото, ќе добива уште помала минутажа.
Од странските играчи, Обрадовиќ е најзначајниот играч. Се чини дека е предводник на младиот тим на Металург и во одбрана и во напад. Останатите играчи многу се мачеа со повредите, иако имаа повремени блесоци и доколку се здрави, ќе значат многу за Металург во пролетната сезона, а некои идната година. Драгаш, Младеновиќ, Марчец одиграа премалку, но покажаа солиден квалитет. Последните засилувања – Илиќ и Гуглета одиграа извонредно, и иако релативно доцна се приклучија на екипата, покажаа дека се одлични играчи.
Играч на првиот дел на сезоната сепак е голманот Дарко Арсиќ. Арсиќ не случајно веднаш стана миленик на скопската публика. Со своите одбрани и енергија, неретко го креваше Металург од самиот амбис. Иако е тешко за голман постојано да се менува со играчите при игра 7-6, Арсиќ не дозволи тоа да влијае на неговата игра.
Червар годинава значително ја менува играта на Металург. Максимално ги користи новите правила и се обидува да го изненади секој противник. Како одминува сезоната, Червар се повеќе инсистира на игра 7-6 и без голман. Последните неколку мечеви Металург одигра цели 60 минути со 7 играчи во напад, што е единствено во светот на ракометот. Како ќе продолжи во пролетниот дел на сезоната останува да видиме.
Сезонава, напредокот на Металург може само да радува. Имајќи во предвид дека тука играат голем дел од сениорските репрезентативци и речиси целосно младинските репрезентативци, сите вистински фанови на македонскиот ракомет треба да се среќни за евидентниот напредок. Останува да видиме дали Металург може дополнително да напредува, и во пролетниот дел од сезоната да му пружи посериозен отпор на големиот фаворит за титулата во Македонија, екипата на Вардар.