Денес ракометарите на РК Металург ќе го пречекаат украинскиот првак Мотор Запорожје во рамките од 9-тото претпоследно коло во Лигата на шампионите.

Украинците во Скопје доаѓаат растоварени од притисокот за победа, бидејќи на две кола до крајот на групната фаза ја обезбедија втората позиција на табелата, која носи место во баражот за 1/8 финале. Екипа која оваа сезона загуби еден натпревар, па заедно со неприкосновениот Монпелје заслужено продолжуваат во следната фаза.

За разлика од украинците, ракометарите на Металург влегоа во лоша резултатска серија и запишаа 5 порази во низа, од кои 3 беа во Лигата на шампионите. По што ги загубиja шансите за пласман во следната фаза, иако пред три кола ги имаа барем на хартија.

На гостувањето во Украина, ракометарите на Металург го одиграа еден од најдобрите натпревари на гостински терен, во кој одиграа нерешено со резултат 28:28. Но, тој Металург после тој натпревар го немаме видено повеќе, за жал.

Останува на денешниот напревар „плаво-белите“ да го оправдаат учеството во Лигата на шампионите и да одиграат на едно високо ниво и да забележат позитивен резултат, со кој ќе ги израдуваат своите фанови, кои нестрпливо го чекаат.

„Двата најдобри натпревари во ЛШ ни беа на гостински терен против Мотор Запорожје и Чеховски Медведи. Средбата со Мотор Запорожје ни беше најдобра во оваа сезона, ама фаборитската улога на саботниот меч им ја препуштаме на гостите. Тоа е искусна и квалитетна екипа која знае да си ги искористи шансите. Нашите шанси се во добрата одбрана, иако во последните средби таму потфрливме што се гледа од големиот број на примени голови. Потребна ни е и поддршката од голманите и ако тие запишат 13-14 одбрани тоа може да биде пресудно. Нормално во нападот ќе треба да играме до чиста шанса, сите ќе го дадеме максимум. Реално ни недостасува тоа искуство кога се крши натпреварот, тогаш влегуваме во серија на грешки и тоа е нешто што со искуство и текот на времето треба да го надминеме. Јас ќе ја водам екипата и ќе бидам на паркетот, а Лино на трибина. Тој се врати во Скопје, последните тренинзи заедно ги одработивме и сигурно е дека секој негов совет ќе ни биде од полза“ – изјави Александар Јовиќ.

Натпреварот започнува од 17:30 часот, со директен пренос на МРТ.