Ракометарите на РК Металург вчера заминаа на десетдневни подготовки во Пореч, Хрватска каде што ќе одигра и неколку пријателски натпревари, од кои веќе првата во петок против екипата на Изола која е од Словенија. Покрај овој натпревар со Изола, Металург ќе одигра уште три натпревари против екипите на Пореч, Умаг и Замет од Хрватска.

Металург на овие подготовки замина комплетен заедно со новите засилувања Шајин, Арсеновски и Јагуриновски. Младите ракометари Јагуриновски и Арсеновски официјално потпишаа 4-годишен договор, а пак Шајин се договори со управата до крајот на сезоната да го носи дресот на Металург.

За официјалнот сајт на ракометниот клуб Металург, овие тројца ракометари, задоволни го изјавија следното:

“Доаѓањето во Металург го сметам за добар чекор во развојот на мојата кариера и тоа е во складот со моите интереси. Особено е големо задоволство да бидеш трениран од врвен светски специјалист, каков што е Лино Червар. Моите амбиции се поклопија со тие на клубот и ќе се обидеме да го вратиме Металург на местото каде што тој припаѓа“ – истакна Шајин.

“Пресреќен сум од доаѓањето во Металург, голем клуб со славна традиција. Посебно е големо задоволство што на овие мои години ќе имам можност да бидам трениран од тренер каков што е Лино Червар, и јас се надевам дека ќе можам да вратам за довербата што ми е дадена“ -вели Јагуриновски.

Арсеновски: ,,На свои 17 години ми се исполни сонот и станав ракометар на Металург, клуб кој што многу значи во Македонија, но и во Европа. Среќен сум што во иднина за мојот ракометен развој ќе се грижи тренер од калиброт на Лино Червар, а јас ќе направам сѐ што е во моите сили да ја оправдам дадената шанса“

Се очекува да биде претставено и четвртото засилување на Металург за оваа сезона, а тоа е Стеван Вујовиќ, кој во неговата ракометна кариера има настапувано и за екипата на РК Вардар.