Денес екипата на РК Пелистер ќе ја започне европската сезона, против босанската екипа Вогошча во рамките од 3-то коло во Челинџ купот. Во градот каде оваа година добивме два квалитетни клуба, кои во битолскиот храм СЦ „Младост“, на два пати го полнеа со 5 000 публика, ќе го видиме Пелистер во улога на македонски претставник во Челинџ куп.

Противникот на битолчани на хартија изгледа како екипа против која не би требало да има проблеми за да помине во следното коло. Но, така не размислува тренерот на Пелистер, Касим Каменица, кој на прескофнеренцијата вчера изјави дека улогата на фаворит му ја препушта на противникот:

„Ждрепката беше немилосрдна и за нас и за екипата на Вогошчa. Нашиот противник има квалитетен состав. Минатата сезона го освои купот, а беше блиску и до титулата во БиХ. Мислам дека улогата на фаворит на овој натпревар е за Вогошча. Имаат познати имиња, некои ракометари ги познавам, а некои и сум ги тренирал. Малку сме уморни со играњето среда-сабота, но утре очекувам полна сала и ракометен спектакл. Знаеме што значи битолската публика и таа може да одлучи многу работи. Го чувствувам овој меч како свој, како дуел на пријатели и верувам дека така ќе биде и по натпреварот и на реваншот во БиХ“ – изјави Каменица.

Натпреварот се игра денес од 18:00 часот, во СЦ „Младост“.