Трета година по ред, македонскиот ракометен шампион Вардар ја стартуваше сезоната со јасна, амбициозна цел – пласман на Фајнал 4 турнирот во Келн. За таа цел, Вардар на почетокот на сезоната дополнително го засили, и онака силниот ростер. Со Канељас и Чупиќ, Вардар доби на искуство и несомнен квалитет, додека со Борозан и Моралес, младост и дополнителна цврстина.
Вардар ја започна сезоната онака како што само можеше да се очекува. Во првите 7 кола забележа 6 победи, вклучувајќи ги и импресивните триумфи на Киелце на домашен терен (40-34) и над Рајн-Некар Левен на гости (27-33). Сепак, во последните две кола Вардар забележа два пораза од директните конкуренти Киелце и Рајн-Некар и падна на 3-то место на табелата, со две незгодни гостувања до крајот на сезоната (кај Пик Сегед, кој моментно има бод повеќе од Вардар и кај секогаш незгодниот Мешков Брест). Се чини дека тие два дуели ќе одлучат на крај на кое место ќе се пласира Вардар, имајќи во предвид дека колку повисоко на табелата го заврши регуларниот дел од сезоната, толку ќе биде пореален патот до Фајнал 4 турнирот во Келн.
Во СЕХА лигата, Вардар доминира. Со само еден пораз по 15 одиграни меча, Вардар е убедливо на врвот на табелата и веќе сигурен учесник на завршниот турнир на ова натпреварување.
Играта на Вардар сезонава, како никогаш до сега се карактеризира со брз напад, транзиција и многу голови. На 5 од шесте мечеви на кои триумфираше во ЛШ, Вардар постигна над 30 голови, додека во СЕХА лигата на дури 11 меча, неретко стигаше и до бројката 40. И не само што постигнуваше многу голови, туку често речиси сите играчи се запишуваа во листата на стрелци, што им задаваше големи проблеми на противниците. Сепак, за успех во пролетниот дел од сезоната, се чини дека Вардар мора да ја подобри играта во одбрана, за да не секогаш успехот зависи само од голманите.
Индивидуално, статистички и во СЕХА лигата и во ЛШ, најдобри се Тимур Дибиров (40 гола во ЛШ и 70 во СЕХА), Алекс Душебаев (42 со 46) и Лука Циндриќ (31 со 52 гола). Сепак, мора да се истакне дека на секој меч, некој од ростерот на Вардар имаше своја вечер, како Канељас на гостувањето во Германија (10 гола), Марсениќ на гостувањето во Цеље (6 гола), Карачиќ на мечот со Киелце (9 гола) и сл. Се чини дека се уште се чека на вистинската форма на Чупиќ, па и на Канељас, кој освен мечот со Рајн-некар Левен, речиси и да беше незабележителен.
Вардар уште еднаш покажа дека има играчки квалитет да стигне до завршниот турнир. Сепак, за да успее во тоа, Вардар мора да одигра квалитетно во последните мечеви во групната фаза, за да има полесен пат во Ф4 во Келн, каде се надеваме дека годинава конечно ќе имаме македонски претставник.