Македонија ја доби Романија за противник во баражот за пласман на светското првенство кое во јануари 2019 ќе се одржи во Германија и Данска. Можеше да биде потешко, имајќи во предвид дека ги избегнавме Русија, Исланд, Унгарија, но и многу полесно, ако за противник ја добиевме Холандија или БиХ.
Романија ја нема на големите натпреварувања од 2011, кога последен пат настапи на еден светски шампионат. Седум години не е дел од големите натпреварувања, па овој пат се ќе направи за да успее. Федерацијата го презема првиот чекор и го назначи Хавиер Пасквал за селектор пред квалификациите за штотуку завршеното првенство во Хрватска, и тоа веднаш покажа резултат. Романија во група со Полска, Белорусија и Србија стартуваше извонредно со две победи во првите две кола (Белорусија 23-26 Романија и Романија 28-23 Полска), но потоа доживеа несреќен пораз од Србија на домашен терен (22-23) и се тргна надолу. Порази на домашен терен од Белорусија и Полска и Романија не се пласираше на ЕП.
Во квалификациите за баражот за СП, Романија среќно победи во својата група откако заврши со исто бодови со Украина, но поради подобра гол разлика стигна до баражот.
Романија многу вложува во машкиот ракомет овие неколку години, со цел да стигне бар блиску до нивото на женскиот, и тоа треба да ни даде јасна слика дека баражот нема да биде лесен. Македонија ќе мора да одигра на највисоко можно ниво, доколку сака пласман на СП. Пласман кој е трет чекор на патот до Олимписките Игри во Токио, кои и понатаму остануваат главна цел за македонската ракометна репрезентација.