мрт

Ракометот навистина се сака во Македонија. И од таму секој пораз се доживува трагично. Нервози за време на натпреварите, афектни статус по социјалните мрежи, (не)оправдани критики за играчите и се така до следниот меч – кога повторно репрезентацијата се сака и поддржува со срце. И за јавноста никогаш не било битно дали играме со најслабата селекција на свет или со светскиот првак. Ракометот е единствениот спорт во Македонија, кај кој победа бараме на секој меч.

Но, нервозите што ни ги приредуваат играчите на некои натпревари не можат ни да се споредат со оние кои ни ги предизвикуваше МРТ на овој шампионат. Државната телевизија, на која сосем логично ги следиме мечевите од овој шампионат, комплетно непрофесионално ја врши улогата за која ја плаќаме. Забелешки има многу, но ќе се фокусираме само на неколку.

  • Коментаторите се комплетно неподготвени

Имаме впечаток дека новинарите од МРТ отидени се во Франција на прошетка. Или во најдобар случај како навивачи. „Водењето“ на гледачите низ натпреварите, низ речиси сите натпревари без разлика дали на нив играше Македонија или не, беше очајно лошо. Немаше еден натпревар на кој коментаторите не правеа 10-тина грешки околу тоа кој бил стрелец, кој е исклучен и зошто, зошто не е признат некој погодок, произволно и грешно толкување на судиските одлуки и така до бескрај.

  • Промашен избор на натпревари и очај со рекламите

И на некој што пред само една година почнал да следи ракомет, да му дадевте да направи избор на натпревари од кои треба да се врши пренос, ќе направеше подобра програмска шема. И добро, можеби има некакви објаснувања за дел од избраните натпревари, но недозволиво е да не ги пренесуваш клучните натпревари од нашата група од кои директно зависеше пласманот на Македонија понатаму (Тунис – Исланд и Словенија – Тунис). И не само што беа битни за нас, туку тоа беа и два исклучително неизвесни натпревари (двата завршија нерешено) на кои се играше добар ракомет. И втората работа која ги извади од такт сите, без исклучок, љубители на ракометот во Македонија, беа рекламите за време на тајм-аутите. Прво, блокот на реклами секогаш беше двојно подолг од самиот тајм-аут, па неретко не гледавме по 1-2 постигнати голови или одбрани. И второ, за време на првенството речиси и да не чувме ниту еден тајм-аут. Јасно ни е дека МРТ сака да заработи многу за време на шампионатот, но тоа НЕ СМЕЕ да биде на штета на телевизиските гледачи, кои да не заборавиме, ПЛАЌААТ за МРТ. За следниот шампионат, МРТ доволно е да видат како хрватски РТЛ се однесуваше за време на секој тајм-аут – поделен екран, оди звукот од насоките на селекторот, а рекламата во другата половина од телевизорот оди без звук. Сите среќни! Студискиот дел, значи оние кои останаа во Скопје, сосем солидна, па и одлично, си ја сработеа работата.

  • Прашањето за Манасков

„Не сме навикнати Манасков да промашува толку чисти позиции. Дали тоа се должи и на тоа што Манасков сезонава не игра многу во Германија?“, го праша новинарот на МРТ нашето лево крило, веднаш по натпреварот со Словенија. Секој може да има лош ден. И тоа е се што беше и овој пат. Лош ден. Впрочем, Манасков само тој натпревар го одигра лошо, на целиот шампионат (стрелаше 1/6). Велат новинарите треба да поставуваат тешки прашања. Јасно. Но, новинарот треба да има тактичност и разбирање, кога некои прашања се поставуваат. А што се однесува до тешки прашања, МРТ тоа може да го прави почесто. Особено кога е во прашање интересот на македонскиот ракомет. На пример, може да го праша Раул зошто Стоилов е трет пивот во Вардар, или да прашаше лани зошто Манасков не доби шанса, или што мисли за фактот дека Мартин Поповски е доволно добар за репрезентацијата, но не за Вардар. Можат и сега, по завршувањето на шампионатот да ги прашаат и Червар и РФМ и Самсоненко еден куп прашања, но тие тоа нема да го направат. Бидејќи во МРТ одамна не ги поставуваат тешките прашања.

Многу Македонци гордо ја претставија својата држава на СП во Франција. Почнувајќи од репрезентативците, па судиската двојка Начевски-Николов, па се до фановите кои повторно беа феноменални. Екипата на МРТ не беше на тоа ниво. Се надеваме дека за следниот шампионат ќе се поправат.