Левото крило на нашата репрезентација Дејан Манасков, човекот кој со својот гол во финишот на натпреварот против Србија и донесе реми на Македонија, а со тоа и пласман во следната фаза најавува еден одличен меч против репрезентацијата на Хрватска.
,,По една преспана ноќ сигурно чувствуваме олеснување, среќни сме и задоволни, но мораме да го оставиме мечот со Србија што поскоро зад себе и погледите да ги свртиме кон следните натпревари. Да пробаме да победиме веќе еден голем противник, ако тоа го испуштивме против Полска, мислам дека против Хрватска можеме да се надигруваме и да стигнеме до триумф. Оваа селекција на Хрватска не е така страшна како пред пет-шест години, има смена на генерации, а оваа репрезентација не е доволно воиграна. Се ќе зависи од нас самите, ако се прикажеме во најдобро светло верувам дека можеме да славиме и да им се реваншираме за поразот во Катар пред една година“ – изјави Манасков.