македонија репрезентација ракомет

Македонската ракометна јавност може да биде задоволна од резултатите и играта на првите два подготвителни меча за ЕП во Полска. Во Словенија, Одигравме два натпревари кои завршија со реми против исклучително силната репрезентација на домаќинот.

Што дознавме од овие два меча?

Прво, и покрај тоа што играме во можеби најсилната група на шампионатот, можеме да се носиме со секој противник. Костурот на оваа репрезентација е збир на извонредно искусни и квалитетни играчи, кои можат да играат рамноправно со секој. Несомнен лидер и понатаму е Кире Лазаров (15 гола на двата натпревари), но важно е да се потенцира дека уште 9 различни играчи на секој од двата натпревари се запишаа во листата на стрелци, што говори за разновидната игра во напад, нашата инаку најслаба точка.
Понатаму, се чини дека Обрван успеа да направи селекција во која ќе има 16 играчи кои во секој момент ќе може да даде придонес на паркетот. Така, и во двата меча голем дел од времето на позицијата десен бек извонредно играше Митков, што ќе му овозможи на Лазаров, подолго вo текот на турнирот да ја задржи свежината.

Што се однесува до составот кој ќе патува во Полска, се чини Обрван е на слатки маки. Имено, според нас, 13 играчи се сигурни: Борко Ристевски, Манасков, Ојлески, Георгиевски, Костески, Стоилов, Пешевски, К. Лазаров, Митков, Миркуловски, Јоноски, Филип Лазаров. До 16-мината, остануваат уште 1 голман и 3 играчи. И ако за голманската позиција, изборот е Дупјачанец или Митревски, кај играчите ситуацијата е покомплицирана.

Од она што го видовме во Словенија, Прибак е многу блиску до тимот, како и Кузмановски, кој сериозно се наметна со одличните игри на двата меча. Тука се и Талески (да ја пополни празнината на позиција лев бек) и искусниот Мојсовски, кој полека се враќа во форма. Обрван може ќе се одлучи и да оди со поодбрамбен состав, па во 16-те ќе треба да ги внесе или Велко Марковски или Милорад Куковски.

Има Обрван уште 10 дена да донесе одлука. Нема да биде изненадување доколку во Полска да се патува со 19 играчи, и таму да се одлучува кои 16 ќе истрчаат на терен.

За репрезентативците следат 2 дена пауза заради Божиќните празници, по што продолжуваат тренинзите. За крај, во недела и понеделник следат два дуела со репрезентацијата на Црна Гора, кои сигурно ќе послужат за брусење на формата и конечен избор на ростерот. Првиот дуел се игра во СРЦ Кале во недела, и тоа ќе биде одлична можност и за македонската јавност да се увери во формата на екипата. Влезот за мечот во кале е слободен за сите заинтересирани.