Минатиот викенд екипата на ЖРК Вардар конечно одигра онака како што долго време очекуваат нејзините навивачи. Со брилијантно одиграни 60 минути, со мали падови кои се нормални во секоја екипа, вардарки се покажаа во право светло и го демолираа тимот на Митјиланд. Сега, она што е на умот на секој навивач е: Dали ова беше само еден натпревар или конечно се е доведено во ред во екипата на Вардар?

За разлика од минатите 2 меча, викендов конечно функционираше најважното – одбраната. Бескомпромисно и жестоко, со многу движење и покривање, Вардар целосно ги неутрализираше опасните Данки. На голот одлична беше и Ина Суслина, и со таква игра сосем е јасно дека противникот немаше шанса. На сите мора да им биде јасно дека голем дел од заслугата оди на името на Јан Питлик. Данецот ја има во рака играта на секоја данска екипа, па знаеше точно кој е патот до успехот.

Подеднакво битно е што конечно профункционира бековската линија. Пенезиќ и Лекиќ за прв пат од кога играат заедно, практично одиграа без грешка. Пенезиќ беше убиствена како од ударите од далечина, така и со индивидуални потези, а тоа го препозна и ЕХФ и ја вброи во трите Ѕвезди на колото. Сепак она што особено радува беше играта на Лекиќ. Андреа покажа зошто во ЖРК Вардар дојде како најдобар светски играч. Ги држеше конците на играта во свои раце и ја водеше екипата до успех. Предност плус е тоа што многу играчи изротираа (Ихњева, Лазовиќ, Кликовац, Хмирова, Дамјановиќ) и придонесоа темпото да биде на највисоко ниво во текот на сите 60 минути.

Дали ова беше само еден блесок, само момент на инспирација или во Вардар конечно се функционира како што треба ќе дознаеме на следните мечеви. Веќе на викендов ЖРК Вардар во Данска го игра реваншот со Митјиланд и токму на тој дуел ќе треба да покаже дека растот во формата е реален.

За крај, МакРакомет смета дека во моментов фокусот на јавноста мора да биде играта на екипата. Трансфери во клубовите се реалност и се нешто сосем нормално во светот на спортот. Затоа сите сензационалистички најави за некаков „ремонт“ на екипата во моментов можат само да и штетат и на атмосферата во клубот, и меѓу навивачите, а најмногу на резултатите на екипата. Вардар има заклучен ростер од играчи, сите професионалци кои имаат одредена спортска цел – освојување на титулата во ЛШ. Наше е да ги поддржиме максимално во остварување на истата.