Репрезентацијата на Словенија се соочува со големи проблеми бидејќи на 10 дена до првиот натпревар на Европското првенство остана без главниот дефанзивец во составот, Матеј Габер.

Ракометарот кој требаше да го понесе најголемиот товар во одбрана се повреди и дефинитивно нема да настапи на Европското првенство во Хрватска. По што, селекторот Веселин Вујовиќ веднаш реагираше и на негово место го повика Матич Сухолежник.

„Габер повеќе не е во комбинација за настап. Тој се повреди на еден од тренинзите, а прегледите покажаа дека има скршеница на петицата поради што ќе мора да мине извесен период на рехабилитација, но нема да може да заздрави навреме за настап на Европското првенство“ – стои во соопштението од Ракометната федерација на Словенија.

За репрезентацијата на Словенија ова е нов неочекуван удар, откако претходно незгодни повреди заработија Доленец и Хенигман.

Вујовиќ го повика и бекот Грегор Поточник, за да го замени Ник Хенигман кој сеуште не е подготвен за играње и работи по посебна програма исто како и Јуре Доленец. Сепак, Вујовиќ се надева дека двајцата најдобри бекови навремено ќе заздрават пред почетокот на ЕП во Хрватска.