Ракометарите на Вардар ја продолжија својата победничка серија во Лигата на шампионите, победувајќи го унгарскиот вицешампион, Пик Сегед со 30:27.

Екипата на Пик Сегед покажа навистина добра игра и се покажа како „цврст орев“ на денешното гостување во „Јане Сандански“. Но, сепак „црвено-црните“ пронајдоа сили и знаење да ги надиграат унгарците и да остане една од трите екипи кои имаат перфектен учинок и по четири одиграни кола во Лигата на шампионите (заедно со Кјелце и Барселона).

Тежок натпревар и неизвесен до самиот крај, кога искуството на Вардар го реши победникот. Кога се решаваше натпреварот во последните минути, Борозан два пати последователно погоди, а промаши Габер. По што беа поставени конечните 30:27 за македонскиот првак.

Најефикасен на натпреварот кај вардарци беа Дибиров со 8 и Циндриќ со 5 постигнати погодоци. Додека кај гостите најефикасен беше Балог со 9 постигнати погодоци.

Следен натпревар на „црвено-црните“ е следната недела против ППД Загреб на гостински терен.