Пред точно една година, на светскиот шампионат во Франција, Македонија го одигра можеби најдобриот меч на шампионатот. Противник беше токму селекцијата на Шпанија. Шпанија излезе како победник на тој меч (29-25), но остана впечатокот дека можевме дури и да ја совладаме.

Една година подоцна, нашата репрезентација се чини дека е подготвена за еден таков подвиг – триумф над една од најсилните европски селекции.

Шпанија во првата фаза играше променливо. Шампионатот го отвори извонредно со огромна победа над Чешка од 32-15, меч кој подоцна ќе покаже дека не ја покажува вистинската сила на Чешка, но меч кој покажа дека ако им се дозволи на Шпанците да се разиграат, тие нема да пропуштат да го сомелат противникот. Следуваше рутинирана, но не така лесна победа над Унгарија (25-27) за да во третото коло доживее пораз од Данска со 22-25.

Ако се погледне статистиката на шпанската репрезентација, ќе се забележи дека дури 14 играчи до сега се стрелци за својот тим. Очекувано, прв стрелец е Душебаев со 12 голови, а веднаш зад него се Валери Ривера со 11, Ентрериос и Фигуерас со по 9. Од голманите, првиот голман Перез де Варгас до сега има 27% успешност во одбраните, додека вториот голман Коралес е поуспешен (37%), но и значително помала минутажа.

Мечот со Шпанија ќе покаже дали имаме реални шанси за полуфинале. Всушност, со евентуална победа над Шпанија, Македонија ќе биде само на чекор до пласман во полуфиналето. Дали е тоа можно. Да! Нема сомнение дека Македонија покажа на овој шампионат дека може да игра против најдобрите. Ако успеавме да ја совладаме третата светска сила, ако успеавме да останеме непоразени во дуелот со европскиот шампион, нема зошто да не можеме да се надигруваме со Шпанија.

Натпреварот се игра во недела, од 20:30 часот во Вараждин, со директен пренос на ТВ Телма.

Среќно!