Срамна игра и пораз на Металург во дуелот од второто коло од Лигата на шампиони против Татран Прешов. Комплетно разочараа македонските вицешампиони. Играчите прерано мислеа дека натпреварот е добиен, додека истовремено Червар целосно ги испушти конците од играта. А сето тоа искусната екипа на Татран прешов и тоа како знаеше да го искористи. Конечни 27-22, за тежок пораз на Металург.

А не изгледаше така во првите 15 минути од мечот. Металург одигра неверојатна одбрана и одличен напад во овој дел и имаше водство од 9-2. При тој резиултат, играчите промашија 4 последователни зицери, и тоа мораше да се врати како бумеранг. Тартран ја промени играта во одбрана, а Металург просто немаше решение за тоа. До крајот на полувремето домаќинот целосно се врати и на полувремето замина со негатива од само 1 гол, 11-12.

Во второто полувреме Татран целосно доминираше. Народно кажано, Червар и Металург не знаеа што сакаат во овој дел од натпреварот. Долго се инсистираше на игра без голман, со 7 играчи во напад, често со 5 бека, а тоа не само што не даваше резултат во нападот, туку и Татран постигна неколку голови во серија. На крајот конечни 27-22, а можеше да биде и полошо.

Драгаш со 5 и Талески со 4 голови беа најпрецизни кај Металург, далеку од доволно за позитивен резултат. Арсиќ повторно беше на нивото на задачата со 13 одбрани.

Металург следниот меч го игра против рускиот првак Чеховски Медведи, на 06.10, во Русија.