Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов изјави дека екипата е максимално подготвена за денешниот голем предизвик во Келн и дека резултатите ќе зависат само од вардаровите ракометари ако тие одиграа на највисоко ниво.
Вардар е бранителот на трофејот во Лигата на шампионите, а екипата на Монпелје ќе се обиде да го симне од тронот.
„Минатата година беше поинаку, бевме првпат тука, а сега ја имаме таа шампионска тежина со нас. Мислам дека сме способни да се носиме со неа. Наше е да изиграме како што знаеме и да се обидеме повторно да освоиме. Штом си пласиран овде, значи нешто вредиш. Не е важно како си стигнал таму. Монпелје има страшна екипа, играат брз агресивен ракомет, стабилен тренер кој со години е таму и мислам дека им се склопи сето тоа за да дојдат овде оваа година. Меѓутоа повторно ќе речам, ако ние сме оние вистинските, нема да зависи ништо од нив“ – изјави Стоилов.
Натпреварот започнува од 18:00 часот, со директен пренос на МРТ.