Македонскиот репрезентативец, Стојанче Стоилов на денешната прес конференција пред саботното гостување во Германија против Флензбург, во рамките од првиот 1/4 финален натпревар од Лигата на шампионите, повтори дека веќе четврта година „црвено-црвените“ се во идентична позиција и дека редно време е да се пласираат на Ф4 турнирот во Келн.
„Четврта година по ред сме во идентична позиција, претходните три сезони не успеавме да се пласираме на фајналфор, искрено верувам дека овојпат ќе успееме во тоа. Оваа година бевме први во групната фаза, повторно го освоивме и пехарот во СЕХА, што е уште еден доказ дека тимот е позрел и уште поподготвен за големи дострели. Си должиме пласман на еден фајналфор на турнир на себе и на навивачите. Пред нас е тежок натпревар во Германија, но се надевам на позитивен резултат на гостувањето, а потоа во полна сала во Скопје да ја израдуваме нашата публика“ – изјави Стоилов.
Првиот натпревар се игра во сабота, со почеток од 17:30 часот. Додека реванш натпреварот во Скопје ќе се игра во четврток (27 април), со почеток од 19:00 часот.