Огромен триумф за Македонија во првото коло од европското првенство во Хрватска.
Драматично (а како поинаку), Македонија ја совлада репрезентацијата на Словенија со 25-24, по феноменално одиграното второ полувреме.
Мечот го започнавме тешко, со многу промашени зицери (дури 7, од кои 5 на Манасков), Скок одбрани се што е можно и невозможно (75% одбрани во овој дел од мечот) и Македонија веќе губеше неколку голови на самиот старт. Но како одминуваше полувремето, така Македонија се враќаше во игра. На голот застана Митревски кој имаше неколку фантастични одбрани, во нападот одличен Стоилов и Македонија заврши во егал на 30 мин. (11-11).
Второто полувреме го почнавме фуриозно. Како препородени, нашите играчи со серија од 4-0 стигнаа до 15-11. Кога се мислеше дека ќе стигнеме полесно до победа, заработивме три исклучувања во серија, што го искористија Словенците да се врата, прво на -2, а потоа и на нерешено. Словенија дури и прејде во водство, но Македонија не падна. Напротив се врати во игра и на крајот заслушено победи 25-24.
Феноменалниот Манасков до 8 и генијалниот Кире Лазаров со 7 голови беа најпрецизни во нашата селекција.
Следниот меч Македонија го игра во понеделни, кога во дуелот со Црна Гора ќе оди на втора победа и обезбедување на пласман во втората рунда.