Ракометарите на РК Металург во крајно неизвесен натпревар, со погодокот на Филип Талески во последните секунди од натпреварот, го совладаа норвешкиот шампион, Елверум со конечни 18:17 (8:7).

Капитенот на Металург, Филип Талески одигра феноменална партија денеска, како во одбраната, така и во нападот, каде постигна 13 постигнати погодоци. Заедно со голманот на „плаво-белите“, Дарко Арсиќ (кој натпреварот го заврши со 14 одбрани) беа носители на оваа голема победа, за зголемување на самодовербата на сите ракометари.

Добро го отворија натпреварот, со минимално водство од 3 погодоци. Водство кое го држеа се до 25-та минута, кога Елверум направи мини серија и се доближи резултатски, што на полувреме се замина со 8:7. Во второто полувреме, ракометарите на Металург продолжија со својата добра игра во одбраната, на голот Арсиќ беше несовладив, а во нападот нерешлива енигма за норвежаните беше Филип Талески.

Следниот натпревар во Лигата на шампионите Металург го игра на 1-ви Октомври, каде и гостува на екипата на Татран Прешов.