Веспрем е старо-новиот шампион на СЕХА лигата. Во извонредно финале, Веспрем го совлада македонскиот првак Вардар со резултат 28-26 и ја одбрани титулата освоена минатата сезона.

Вистинско финале следевме во Вараждин. На задоволство на вистинските ракометни фанови, Веспрем и Вардар не калкулираа, независно од тоа што се противници во 1/4 финалето на ЛШ, и одиграа максимално борбено и пожртвувано. Од почетокот на натпреварот, двете екипи покажаа дека нема да се штедат. Жестоко влегоа во дуелот за титулата во овогодинешната СЕХА лига.
Вардар подобро го отвори мечот. Предводени од одличната игра на Циндриќ и Македа во нападот, уште од самиот старт Вардар поведе со 4-1, во 4-та минута. Продолжи македонскиот шампион во силно темпо, и имаше предност од 8-4, во 9-та минута. Во овој период Веспрем делуваше малку изгубено во нападот, со премногу технички грешки. Сепак, јасно беше дека екипа од нивен калибар нема да може долго да игра така лошо. Следува серија од 5-1, за нерешено 9-9 во 14-та минута. Од тој момент, до крајот на полувремето следевме неизвесен натпревар, што резултираше со предност од само гол разлика за Вардар на полувремето, 14-15. Во првиот дел кај Унгарците извонреден беше Момир Илиќ со 6 гола, додека кај Вардар видлива беше разновидноста во нападот – Циндриќ и Шишкарев по 3 гола, Манасков, Карачиќ и Македа по 2. Во дуелот на голманите, Штербик и Милиќ беа подобри во првиот дуел од Миклер – 8 одбрани на вардаровите голмани, наспроти 4те на противникот.

Вториот дел почна исто како што течеше првото полувреме. Двете екипи продолжија да играат на максимално високо ниво, со таа разлика што двете екипи сега беа многу подобри во играта во одбрана. Се играше цврсто и ниту Вардар ниту Веспрем, не успеаа да се одлепат со резултатот. Впрочем се до 55-та минута, ниту една екипа немаше поголема предност од 1 гол разлика. Тогаш, Веспрем направи прв исчекор кон конечниот триумф, поведувајќи со 27-25. До крајот иако Вардар имаше шанса да го израмни резултатот, не успеа и Веспрем триумфираше со 28-26.

Кај победникот, најдобар поединец беше Илиќ со 7 погодоци, иако не играше во поголемиот дел од второто полувреме заради повреда. Покрај него, одлични беа и Наѓ со 4 погодоци и 3 асистенции, и Слишковиќ, кој одлично го замени повредениот Илиќ со 4 гола од исто толку обиди. Кај Вардар, најпрецизен Циндриќ со 5 погодоци, пред Карачиќ и Дибиров со по 4.

Финалниот меч помеѓу Веспрем и Вардар претставува вистинска увертира за најважните два меча во досегашниот дел од сезоната за овие две екипи – четвртфиналниот двомеч во Лигата на шампиони, кој ќе се одржи во втората половина на април. Ако нешто покажа денешното финале, тоа е дека двете екипи се практично со подеднакви шанси за успех и дека не очекуваат извонредни два мечеви.