Кога во 46-та минута на семафорот ќе стои 19-12, а Раул ќе го искористи својот трет тајм-аут на мечот со совет како да се одржи овој резултат и да не се оди во негатива поголема од 10 разлика, со колку триумфираше Вардар во Скопје, се е јасно. Вардар немаше никакви шанси да дојде до позитивен исход на овој меч.

Во Киелце гледавме дуел неубав за око. Меч во кој домаќинот не одеше на убав натпревар, туку на освојување на 2 бода. Во груб натпревар, кој го дозволија инаку исклучително лошите судии од Португалија, многу подобро се снајдоа домаќините. Киелце со широки раце ја зграби можноста да се игра жестоко и многу грубо во одбраната, често над границите на дозволеното. Па наместо меч со многу голови, така типично за двете екипи, гледавме меч на кој по 30 минути резултатот беше само 10-6. И на двете страни најдобри поединци беа голманите Шмал и Милич, кој феноменално го надополни отсуството на Штербик на линијата и веќе по 30 минути имаше 9 одбрани. За жал, истото не може да се каже за напаѓачите кај Вардар, кои не најдоа лек за отсуството на Карачиќ. Лука Циндриќ го одигра целиот натпревар, но не можеше против феноменалната 6-0 одбрана на полската екипа.

Второто полувреме Вардар го започна подобро, и за момент ги разбуди надежите кај своите фанови дека може да го сврти натпреварот во своја полза. Двата брзи погодоци на Душебаев и Циндриќ не наведоа да помислиме дека Вардар ќе одигра многу подобро во нападот, но само за кратко. киелце повторно ја зема контролата на играта во свои раце и на 13 минути до крајот на мечот доаѓа до +7 и практично го решава победникот на мечот. До крајот, Вардар само успеа да дојде до пристоен резултат, пред се на одличниот денеска Марсениќ, кој со 5 голови вои овој дел од мечот беше најголемиот „виновник“ за пристојниот пораз од 23-20.

Покрај Марсениќ и веќе спомнатиот Милич, најдобар кај Вардар веќе четврти меч по ред беше Горбок, кој беше единствен во бековската линија кој усшеваше да најде лек за високата полска одбрана. Тој натпреварот го заврши со 5 погодоци и многу жестоки дуели. Кај домаќините, најпрецизен беше Јурецкин со 5 погодоци.

Со овој триумф, Киелце се издвои сам на 3-то место на табелата во групата Б со 12 бодови, зад Барселона и Рај-Некар Левен со 13 бодови (Барса има и натпревар помалку), додека Вардар сега падна на 4-то место со 10 бода, со можност колото да го заврши и скалило подолу, доколку Пик Сегед триумфира во недела на незгодното гостување во Монпеље.

Следниот викенд се игра последното коло пред пауата заради репрезентативните настапи, во кое Вардар го дочекува Колдинг, кој единствениот триумф годинава го има токму против македонскиот првак.