Убедлива игра и триумф oд 31:24 за Металург во последното коло од ЛШ за оваа сезона. Целосно надигран рускиот првак Чеховски Медведи. Во 9-та сезона во ЛШ, ракометарите на Металург запишаа пет победи и исто толку порази и со 10 бода стигнаа на третото место во групата Д на кое може и да останат доколку Елверум не освои бод на гостувањето кај Монпелје во последниот меч од групата.

Металург одлично го започна првото полувреме, кое го отвори со офанзивна игра и на самиот старт поведе со 3:0. Гостите првиот гол го постигнаа во 5-та минута преку Кирил Котов, за веќе во 11-та минута се приближат само на гол негатива. Но, ракометарите на Металург повторно направија серија, овојпат од 4-0 и кој средината на првиот дел дојдоа до пет погодоци предност (8:3). Одлично одиграа во одбраната, а во нападот наоѓаа секогаш решение за 5-1 одбраната на гостите, по што ја задржаа предноста и на полувреме заслужено заминаа со резултат 15:10.

Второто полувреме започна со два погодока на Чеховски Медведи и намалување на предноста на Металург на 15:12. Но, тоа беше единственото приближување кон резултатот. Затоа што потоа повторно „плаво-белите“ одиграа на ниво и со серија се одлепија и го вратија водството од 5-6 погодоци. Водство кое рутинирано го задржаа до самиот кај на натпреварот и со победа се простија од Лигата на шампиони.

Најефикасни на натпреварот беа Илиќ и Обрадовиќ со по 7 постигнати погодоци, додека кај гостите најефикасен беше Котов со 5 постигнати погодоци.