Вардар, а со тоа Македонија и сезонава остана без толку посакуваното учество на Фајнал 4 турнирот во Келн. Уште еднаш се водиме по онаа изрека „толку блиску, а толку далеку“.
Четврта сезона по ред сме на чекор од историски успех.
Металург во 2013-та и 2014-та, и Вардар три сезони по ред (2014, 2015, 2016).
Ако ги погледнеме резултатите, Металург никогаш и немаше реални шанси да се пласира меѓу најдобрите четири екипи. Во 2013-та два порази од Киелце (25-27, 26-15), а во 2014-та од Кил (21-31 и 34-26).
Од резултатски аспект гледано, Вардар беше многу, многу поблиску до полуфиналето.
Пред 3 сезони, несреќно беше елиминиран од Фленсбург (пораз 24-22 и пирова победа 27-25). Наредната сезона два порази од Киелце (20-22 и 33-31) и годинава елиминација од Веспрем (26-29 и 30-30).
И иако Вардар резултатски делува блиску до полуфиналето, иако секоја година е со се поширок ростер, се чини дека секоја година сме се подалеку од успех. Се поставува прашањето колку блиску всушност сме од конечно да видиме македонска екипа на Фајнал 4 турнирот.
Вардар сезонава тргна со извонреден тим и одлични игри. Предводен од искусниот тренер Раул Гонзалес, кој одлично ја комбинираше својата идеологија со ростерот што го имаше на располагање. Тренер кој за брзо време стана омилен кај публиката, не толку со неговите стратегии, колку со неговото познавање на македонскиот јазик. Зборувањето на македонски јазик за време на тајмауиите и прес конференциите наиде на позитивни критики од љубителите на македонскиот ракомет.
Сезоната ја почна одлично со 4 победи на првите 4 меча. Можеби единствениот кикс беше во 5-то коло. Поразот од Колдинг остави горчина кај вардаровите навивачи, во ситуација кога беше јасно дека Вардар е значително поквалитетен тим од данскиот првак. Потоа следуваа 4 мечеви во кои Вардар и покрај тоа што забележа 3 порази, стана јасно дека може да се носи со секоја екипа на стариот континент. Тесните порази од Барса и огромниот триумф од 10 голови разлика над Киелце во Скопје, покажаа дека екипата оправдано има високи амбиции. Сепак, кога дојдоа елиминациските натпревари, кога требаше да се биде најдобар, Вардар не успеа. На мускули и објективен квалитет ја елиминираше Висла во осмина-финалето, но немаше сили за изненадување против Веспрем.
Наредната година Вардар ќе биде уште посилен. Тимот ќе се засили со Кањелас и Борозан, и заедно со Деревен кој ја пропушти речиси целата сезона заради повреда, Карачиќ, Циндриќ, Душебаев и Македа, Вардар ќе има пеколна бековска линија. Можеби најдобра во светот. Покрај нив, Вардар ќе добие на квалитет, искуство и шампионски менталитет во ликот на Иван Чупиќ. Екипата најмногу ќе загуби со заминувањето на Тоскиќ, чија замена (Бразилецот Рожерио Фереира), иако доаѓа од Кил, сепак е далеку од квалитетот на годинава веројатно најдобриот Вардарец.
Следната сезона Вардар повторно ќе ја стартува со највисоки цели – пласман на Фајнал 4. Со ваков тим, целта може слободно да се постави и највисоко – освојување на шампионската титула.
Се надеваме дека догодина во Мај, нема повторно да пишуваме текст со кој ќе викаме „догодина Вардар, ќе биде уште појак“, туку дека заеднички ќе го следиме на завршниот турнир во Келн.