Ракометарите на Вардар вечерва ги скротија „лавовите“ среде Франкфурт, во рамките од 7-то коло од Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ ја забежаа 6-та победа (27:33) во ЛШ и ја задржуваат првата позиција во групата Б.

Вардар уште на почетокот на натпреварот не дозволи ракометарите на Рајн Некар да ја имаат контролата на натпреварот. Уште на почетокот поведоа со 0:2, каде со одлична игра во одбраната и разновидноста во нападот, веќе во 13-та минута имаа водство од 5-9. Но, следуваше мал пад во играта на „црвено-црните“, која германците ја искористија и веќе во 25-та минута го изедначија резултатот. За потоа на полувреме да заминат со 16:17.

Второто полувреме вардарци го започнаа фуриозно, одбраната на високо ниво, Штербик се разбуди на голот и веќе по 5 минути игра резултатот на семафорот гласеше (17-22). Вардарци продолжија со својата игра, одбраната никогаш поцврста не била, а кога веќе ракометарите на Рајн Некар ќе дојдоа до можност за гол, Штербик ги откажуваше со своите интервенции (13 на број). Што до самиот крај, ракометарите на Вардар рутинуирано го доведоа натпреварот во своја полза, за голема радост на сите љубители на македонскиот ракомет.

На денешниот натпревар конечно се разбуди Канељас, кој одигра феноменална партија и постигна 10 погодоци. Кој заедно со Цинриќ кој постигна 7 погодоци, беа главните разигрувачи во нападот на „црвено-црните“. Додека кај домаќините, најефикасни беа Сигурсон со 7 постигнати и Петерсон со 6 погодоци.