Македонскиот шампион, РК Вардар попладнево го игра последниот натпревар од групната фаза од Лигата на шампионите, против екипата на Кристијанштад. Овој натпревар е без никаква важност за „црвено-црните“, кои без разлика на исходот од денешниот натпревар ќе останат на првото место на табелата.

Но и покрај тоа, ракометарите на Вардар сакаат со победа да стават печат на досега одиграното.

„Први сме без разлика на се. Но ние сме професионалци и должни сме оваа фаза да ја завршиме со победа. Го знаеме Кристијанштад, се работи за сериозен тим, но да уживаме во натпреварот и да се опростиме од групната фаза со победа“ – изјави Стојанче Стоилов.

За гостите од Шведска овој натпревар е од големо значење, бидејќи со освоен еден бод ќе се пласираат во 1/8 финалето. Дотолку загубат, на нивно место ракометарите на ППД Загреб ќе продолжат во 1/8 финалето.

Вардар како прв во групата ќе го прескокне 1/8 финалето, а во 1/4 финалето ќе го чека подобриот од екипите на Фленсбург и Мешков Брест.

Натпреварот започнува од 17:30 часот, со директен преност на МРТ1.