Скопје во недела ќе дише за Вардар. Во главниот град доаѓа европскиот првак, ракометниот гигант Барселона. И како ретко кога, Вардар во дуелот не влегува како аутсајдер. Напротив, според она што го видовме во изминатите 7 кола, вклучително и на нивниот меѓусебен дуел минатиот викенд, Вардар е со реални шанси за триумф.

Европскиот првак Барселона не игра онака како што сме навикнале да ги гледаме сите овие години наназад. Иако Барса е на прво место во групата, со играта тие се далеку од супериорни. Впрочем, 4 од 5-те триумфи ги завршија со 3 или помалку разлика, а против Киелце одиграа нерешено со гол во последната секунда. Барселона игра во најмала рака чудно. Се чини дека тренерот сеуште не успева да го надополни заминувањето на Карабатиќ. Копљар и Јиха (кој се повреди и нема да настапи во Скопје) се далеку од потребното ниво сезонава, па во бековската линија најголемиот товар паѓа на Кире Лазаров кој добива помош Ентрериос и Жалу. Тука се и извонредните крила Томас и Сигурдсон, како и пивотот Сораиндо. Дополнителен проблем за Барса е отсуството на Даниел Шариќ заради репрезентативни обврски.

Но, не смееме да заборавиме дека Барса знае да ја темпира формата и да одигра најдобро кога најмногу треба. Точно е дека Жалу не може повторно да даде 12 голови, но точно е и дека Лазаров не може 2 меча по ред да има учинок 1/9. Но, сигурен сум дека тренерот Раул повеќе е фокусиран на својата игра, а не на играта на противникот. Ако сака триумф, Вардар мора да ја игра својата игра. Како што го правеше тоа со Рајн-Некар, со Пик Сегед и особено со Киелце. Жестоко во одбраната, со брза транзиција и постигнување колку е можно повеќе лесни голови. Одбраната е клучот на успехот, во ситуација кога против себе се има напаѓачка екипа, како Барса.

Цела недела по минималниот пораз во Блау грана во Барселона, ракометарите, управата и навивачите на Вардар со мислите се на реваншот во Скопје. И тој ден дојде. Сега останува сите заедно да го дадат својот придонес и европскиот првак да падне во Скопје. И Вардар има сили за успех.