Екипите на Вардар и Мешков Брест вечерва од 20:30 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе ја отворат 6-та сезона во СЕХА лигата. Сезона која може да се каже дека ќе биде една од најсилните, според тоа кои екипи ќе учествуваат.

Годинава овој шампионат е заселен со две словенечки екипи (Целје и Горење), Металург се враќа по една година пауза и Извиѓач кој конечно ја прекина доминацијата на Борец од Бања Лука. За разлика од минатата сезона, сезонава во лигата нема да има клуб од Србија, земја која беше една од основачите на ова натпреварување.

Македонскиот шампион РК Вардар направи неколку промени во својот ростер годинава. „Црвено-црните“ ги напуштија Лазаров, Манасков, Горбок, Брумен и Тоскиќ. На нивно место дојдоа Канељас, Фереира, Борозан и Чупиќ.

Ростер кој се чини дека најслаба карика ќе биде само пивотменската позиција (пред се во нападот), а најсилно оружје ќе биде силната и висока одбрана, предводена од Канељас, Борозан, Фереира, Марсениќ, Абутовиќ и Македа. Нападот кој беше и минатата сезона на едно високо ниво, годинава се очекува да биде уште повисоко, кој со доаѓањето на Чупиќ, Канељас и Борозан се очекува да биде поразновиден и поширок.

На кратко пред почетокот на сезоната, на хартија без сомнение РК Вардар има подобар тим од минатата сезона според имињата, но останува да видиме како тоа ќе го изведат и на терен.

Уште вечерва ќе имаме прилика да видиме како ќе функционира оваа екипа против екипата на Мешков Брест, која од оваа сезона ќе се натпреварува во онии елитните групи во Лигата на шампионите. Екипа која го задржа костурот на екипата, а се засили со шест нови ракометари, претежно репрезентативци од Белорусија.

Сезона 2016/17
  1. Веспрем
  2. Вардар
  3. ППД Загреб
  4. Мешков Брест
  5. Нексе
  6. Металург
  7. Татран Прешов
  8. Целје
  9. Горење
  10. Извиѓач

Натпреварот започнува од 20:00 часот, со директен преност на МРТ.