Екипата на Вардар со победата над Металург во Автокоманда, ја обезбеди јубилејната 10-та шампионска титула во македонското првенство. На уште едно коло до крајот на првенството, со денешната победа од 21:24, вардарци ставија печат на сезоната и заслужено ја прославија новата титула.
Во натпревар во кој се очекуваше лесно „црвено-црните“ да слават, се случи спротивното. Младите ракометари на Металург одлично се спотистаавуваа на Вардар цели 60 минути, каде не дозволија вардарци да поведат со повеле од 4 погодоци разлика.
Кај „плаво-белите“ најрасположен беше Филип Талески, кој постигна 9 погодоци и беше вистински предводник на својата екипа. Освен Талески кај Металург, Божовиќ се разбуди во второто полувреме и постигна 5 погодоци. Освен овие двајца играчи, останатите на некој начин потфрлија во својата игра, особено пикерите и крилата. На голот, повторно солидно одиграа голманите на Металург, Дупјачанец со 4 одбрани во првото полувреме, додека младиот Томовски запиша 7 одбрани.
Кај вардарци, најрасположени беа Душебаев со 6 постигнати погодоци и Карачиќ со 5 погодоци. Но, играч на натпреварот беше искусниот Арпад Штербик кој запиша 18 одбрани и не дозволи резултатот во ниеден случај да биде загрозен.
МакРакомет им ја честита титулата на Вардар и им посакува многу среќа на двете екипи во следната сезона во Лигата на шампионите!