Ѓаволски тешка задача ќе имаат ракометарите на Вардар да ја остварат високо зацртаната цел од почетокот на сезоната – пласман на Фајнал 4 турнирот во Келн. Но, не и невозможна.

Можеби делуваат нереални надежите да се совлада Веспрем на негов терен, и тоа со повеќе од 3 гола разлика, но Вардар сезонава покажа дека може да игра рамноправно со најсилните екипи во Европа, особено на гостински терен. Тие настапи, и тесниот резултат на крајот, покажуваат дека Вардар може и знае како се игра ракомет на врвно ниво. И точно, можеби не забележа триумф против најсилните (Барселона 31-30 Вардар, Рајн-Некар 28-27 Вардар, Киелце 23-20 Вардар), но секаде беше блиску, и се чини дека токму сега е најдоброто време за гостински триумф. И тоа токму против Веспрем, можеби најсилната екипа во светот во моментов.

Веспрем цела сезона игра константно добро. Иако се добива впечаток дека не доминира како минатата сезона, сепак факт е дека игра навистина добро, и што е најважно, победува. Искусните играчи од типот на Наги, Илиќ, Угалде-Гарсија, Палмарсон, точно знаат да ја дозираат својата форма и да играат онолку колку е потребно за триумф. Токму двајцата феноменални бека Илиќ и Палмарсон беа нерешлива енигма за Вардар во првиот меч. Тие заедно постигнаа дури 16 голови и го носеа вардар во нападот. Сепак, останува впечатокот дека Вардаровите голмани требаше да бидат подобри, бидејќи голем дел од ударите беа од целосно неизградени акции. За разлика од Штербик и Милиќ, голманите на Веспрем го добија првиот дуел. Алиловиќ беше брилијантен и дефинитивно неговите одбранети зицери беа причина за големиот триумф.

За Вардар да направи подвиг во Унгарија, прво и основно мора да добие поддршка од голманите. Штербик, Милиќ или Диви, сеедно. Тие мора да одат на 15+ одбрани за Вардар да има било каква шанса за триумф. Во нападот, зицерите мора да се искористат. Веспрем има брилијантна одбрана, против нив тешко се доаѓа до шанса за гол, па кога тоа ќе се овозможи, истата мора да се искористи. Од психолошки аспект, битно е првите 30 минути натпреварот да се држи најмалку во егал ситуација. Евентуално водство на Вардар во текот на мечот, од еден до два гола разлика, ќе го префрли притисокот врз домаќинот, нешто што вардарците ќе можат да го искористат.

Македонската спортска јавност е во исчекување на дуелот во сабота. Четврта година по ред, Македонија е на последното скалило до огромниот успех – пласман на завршниот турнир на четирите најдобри екипи во европа. Да се надеваме дека оваа година среќата конечно ќе ни се насмевне!

Мечот е со почеток во 17:30, со директен пренос на МРТ1.