Ракометарите на Вардар денеска го играат првиот од двата најбитни меча сезонава. Од 17:30 Вардар му гостува на Фленсбург, во обид да оствари добар резултат и дојде чекор поблиску до остварување на големиот сон – пласман на Фајнал 4 турнирот во Келн.

Четврта сезона по ред Вардарци се на чекор од големиот успех, но се чини никогаш не дојдоа толку блиску до успех како во 2014-та, кога токму Фленсбург беше пречката која Вардар не успеа да ја совлада. И затоа, германците имаат долг за враќање.

Вардар е фаворит во овој дуел. Од повеќе причини. Прво, македонскиот шампион имаше феноменална сезона во ЛШ. Се најде на првото место во својата група пред европскиот првак Киелце и германскиот шампион Рајн Некар Левен, што е резултат за почит.
Во СЕХА лигата, која сезонава беше најсилна од своето постоење, доминантно стигна до титулата, совладувајќи го во финалето тимот на Веспрем пред само недела дена, што покажува во каква форма е Вардар.

Но и Фленсбург сезонава е одличен. Во извонредно тешката група во ЛШ се пласираше веднаш зад Барселона, ПСЖ и Веспрем, но во ниту еден дуел со нив не беше лесен противник. Во германскиот шампионат исто е во врвот и во директна борба за титулата.

Пласманот на Фајнал 4 турнирот со сигурност нема да биде решен на денешниот меч. Кој и да победи, дури на реваншот во Скопје ќе дознаеме кој ќе игра во Келн. Сепак, триумф на Вардар во Германија и тоа како ќе ја стави нашата екипа во пол позиција пред реваншот.

Мечот е со почеток во 17:30, со директен пренос на МРТ.