И трета сезона по ред – толку блиску, а толку далеку. Вардар одигра на ниво во Унгарија. Целосно рамноправно, а во голем дел од мечот и подобро од противникот, што сепак не беше доволно за пласман понатаму. Конечните 30-30 само потврдија дека пласманот на завршниот турнир Вардар го загуби на првиот меч во Скопје. Да се победи Веспрем на негов терен со 3+ разлика, сепак е преголем залак, речиси за било која екипа во Европа.
Но Вардар првиот дел го одигра феноменално, воден од идејата дека може да се пласира на фајнал 4 турнирот во Келн. Со феноменална 5-1 одбрана, Вардар целосно го неутрализираше нападот на домаќинот. Ги задржавме Илиќ и Палмарсон, и еспрем беше на колена. Веќе во 10-та минута беше 2-6 за Вардар. И таа предност Вардар ја одржуваше во текот на целото прво полувреме. Дури 6 пати во првите 30 минути Вардар имаше +4. Последен пат во 28-та минута, кога македонскиот првак водеше со 10-14. Сепак, Веспрем со 2 голови во серија намалува на 12-14 до крајот на полувремето.
Во вториот дел домаќинот го подигна квалитетот на играта, особено во нападот, и работата на Вардар стана многу потешка. На терен се врати Момир Илиќ (кој поголемиот дел од првото полувреме го преседе на клупата) и беше целосна енигма за вардаровите голмани (мечот го заврши со 9 постигнати голови). На добрата игра на Веспрем во нападот „кумуваше“ и одлуката на Раул да ја смени одбраната од 5-1 во 6-0 во вториот дел, при што нашите играчи не се снајдоа. Веспрем го контролираше резултатот до 50-та минута кога при водство од 26-24, Раул повторно ја менува играта во одбрана на 5-1, со Манасков напред, и тоа резултира со егал завршница, во која сепак Вардар немаше сили за триумф од 3 разлика. Конечни 30-30, за крај на надежите за најголемиот успех во македонскиот ракомет.
Кај Вардар, Душебаев со 5, и Циндриќ и Шишкарев со по 4 погодоци беа најпрецизни. Кај домаќинот, покрај најпрецизниот Илиќ, искусниот Наги одигра феноменален меч и постигна 7 гола од 9 обиди.