Во тежок, изедначен и крајно неизвесен дуел, Вардар ја совлада екипата на Висла Плок и по трет последователен пат, се пласираше меѓу најдобрите 8 екипи во Европа. Конечни 25-24 за триумф и четвртфинален дуел со Веспрем.
Од самиот почеток се виде дека ова ќе биде тежок и неизвесен дуел. Максималната предност на една екипа беше 3 гола (8-5 за Вардар во 14-та минута). Но Висла го подигна квалитетот на играта и до крајот на полувремето го сврте резултатот во своја корист (13-15).
Висла почна добро и во вториот дел. Го зголеми водството на максимални 14-17 во 34-та минута, по што до крајот гледавме целосно израмнет дуел. За среќа на вардарци, мечот заврши со нивен триумф, 25-24, иако немаше да биде неправедно дури и ако триумфираа гостите од Плок.
Двајца играчи на Вардар се најзаслужни за триумфот. Прво, феноменалниот Алем Тоскиќ со 8 гола од 8 обиди. Се добиваше впечаток дека секогаш кога бековската линија на Вардар остануваше без идеја, ја фрлаше топката кон пивотменот, а Тоскиќ волшебно погодуваше од секоја позиција. Вториот клучен во тимот на Вардар беше Штербик кој оствари повеќе од 15 одбрани и му го отвори патот на Вардар кон ¼ финалето.
За остварување на големиот сон – пласман на Фајнал 4 туринирот – остануваат уште само два меча против моќниот Веспрем. Дуелите ќе се играат во втората половина на април, доволно време Вардар да го подигне нивото на играта, бидејќи со оваа игра и форма, успех против Веспрем личи дека е невозможна мисија. Навивачите на Вардар, а и цела македонска јавност, сепак веруваат во својот и тим и се надеваат на историски успех.