Денес, со натпреварот помеѓу екипите на РК Работнички и РК Вардар започна второто коло од завршната фаза од натпреварувањето за шампионската титула. Ракометарите на Вардар дојдоа до својата втора победа откако денес очекувано и без многу проблеми ја совладаа екипата на Работнички 26:38 (16:22), која пак оваа завршница ја започнува со два порази во низа.
Во воведните минути од натпреварот гледавме рамноправна игра и на семафорот можеа да се забележат и неколку изедначувања на резултатот 2:2, 6:6, 11:11. Сепак тоа задоволство на романтичарите кратко траеше, па од овој момент вардарци наметнаа посилно темпо и со тоа нивното водство до крајот на првите 30 минути се искачи на +6 (16:22). Иако веќе беше познат победникот на овој натпревар преостанатите 30 минути беа формалност. Водството на Вардар во текот на вториот период се зголемуваше и на крајот на овој натпревар достигна до +12 за конечни 26:38.
Во составот на Работнички најефикасни беа Мојсоски Златко со 7, Марсениќ Немања со 6 и Илиќ Вања со 5 погодоци, додека од победничката екипа сите ракометари постигнаа голови, меѓу кои највеќе голови постигнаа Манасков (6) и Циндриќ (5).