Во сенка на настапите на македонската репрезентација на ЕП во Полска, екипата на ЖРК Вардар денес ќе го одигра најтешкиот натпревар во главната рунда од ЛШ. Во Подгорица, со почеток во 16.00 часот, противник е европскиот првак Будуќност.
Нема што многу ново да се каже за екипата на Будуќност. Тоа е екипа која со години негува ист тип на ракомет – цврсто во одбраната, на граница на дозволеното, со феноменален ростер и одличен тренер. Екипата е практично црногорската репрезентација засилена со МВП на последното светско првенство, Романката Неагу, која заедно со Катарина Булатовиќ ја сочинува веројатно најсилната бековска линија во екипниот женски ракомет.
Сепак, Црногорките не се несовладливи. Тоа го покажа екипата на Ѓер, која пред 7 дена го совлада големиот фаворит со 22-20, како и противникот на Вардар од минатото коло, ЦСМ Букурешт, кои останаа непоразени во Подгорица. Сепак, Будуќност и понатаму е најголемиот фаворит не само за освојување на првото место во групата, туку и за одбрана на титулата Европски првак. Дополнително, Будуќност во дуелите со Вардар секогаш беше поуспешен, а особено болни беа поразите во полуфиналните дуели на Ф4.
Но и Вардар годинава е поискусен и поподготвен во однос на минатите две сезони. На мечот во Подгорица мора да инсистира на својата игра, цврсто во одбраната со колку е можно повеќе лесни голови од контра и полуконтра. Најважно од се е Вардарки да ги сведат техничките грешки на минимум. Доколку успеат во тоа, бодовите од Подгорица може да ги запишат на свое конто.
Дуелот е со почеток во 16.00 часот, со директен пренос на МРТ1.