Со почеток од 17:00 часот, ракометарите на Вардар ќе го одиграат натпреварот од 12-то коло од Лигата на шампиони, против екипата на Пик Сегед. По поразот на Нант во дуелот со Загреб, Вардар денес има шанса со триумф да се одвои на 3 бода пред Нант во пресрет на нивниот меѓусебен дуел идното коло и така да дојде на чекор до освојување на првото место и директен пласман во четвртфиналето.

Денешниот меч нема да биде воопшто лесен. Пик Сегед е цврста екипа која знае што сака на секој натпревар. Тоа го покажа и на дуелот од минатото коло против екипата на Рај Некар Левен, која успеа да ја совлада во Германија. Дополнително, Сегед се уште има шанси за пласман на 4-то место за групата кое ќе му донесе полесен противник во 1/8 финалето.

Вардар во натпреварот влегува по непријатниот пораз од Барселона, кога загуби само заради своите грешки, кои се толку несвојствени за Вардар сезонава. Доколку нашиот шампион успее да одигра посконцентрирано во нападот, победата не би смеела да дојде во прашање. Во одбраната, ќе мора да одигра колективно како што знае, бидејќи против себе ќе има екипа која напаѓа од сите страни, без некоја особена ѕвезда.

Дуелот е со почеток во 17:00 часот, во СЦ Јане Сандански во Скопје.
Судии се Словаците Бадура и Ондогречула.
Директниот пренос започнува на МРТ1, половина час порано.