Ракометарите на Вардар покажаа дека се спремни за натпреварот со Барселона, откако вечерва одиграа одличен натпревар против големиот Веспрем, каде успејаа да му одземат бод во рамките од СЕХА лигата.

Вардарци прикажаа една цврста и сигурна игра, контролирајќи го резултатот во поголемиот дел од натпреварот. Но, за жал на крајот не успеаја да стигнат до победа, кога во последниот напад не постигнаа погодок, по шо конечниот резултат на семафорот гласеше 24:24. Ова е прво реми за Вардар оваа година во СЕХА, со кое му го расипа 100% ефект на Веспрем. После натпреварот и двата тима имаат по 19 бода, на втората и на третата позиција, но Веспрем седум, а Вардар девет одиграни натпревари.

Тренерот на Веспрем, Ксавиер Сабата на прес-конференцијата после натпреварот потенцираше дека Вардар има потенцијал оваа година за настап на Ф4 во СЕХА лигата, како и во Лигата на шампионите.

“Честитки до Вардар за добрата игра. Вардар има врвен тренер и состав кој е конкурентен за завршните турнири во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата. Им честитам и на моите ракометари. Двата тима играа добро.Ние направивме доста грешки на почетокот, а Вардар тоа умешно го користеше преку своите брзи играчи. На крајот и двете екипи можеа да победат, но ги пропуштија своите шанси. Но, таков е спортот“
– изјави Сабата.

Најефикасни беа Дибиров со 7 и Душебаев со 4 погодоци, додека во спротивниот табор најефикасни беа Наѓ со 8 и Сулиќ со 4 постигнати погодоци.

Останува во следните 4 дена, ракометарите на Вардар да одморат и спремат за саботното гостување на шампионот Барселона.