Ракометарите на Вардар на три кола до крајот на групната фаза во Лигата на шампионите се наоѓаат на второто место на табелата, откако во средата Рајн Некар Левен со победата над Мешков Брест ја превзеде првата позиција.
Денеска од 17:30 часот „црвено-црните“ во СЦ „Јане Сандански“ ќе го пречекаат незгодниот словенечки тим на Целје, кој на последниот натпревар во ЛШ направи големо изненадување, кога во последните секунди од натпреварот го победи големиот Киелце со 34:33. Натпревар во кој со евентуална победа, вардарци ќе се вратат на првото место, кое носи директно во 1/4 финалето од ова натпреварувње.
Како што и капитенот Стоилов истакна, Вардар има одиграно три натпревари со Целје (две во СЕХА, една во ЛШ), во кои три пати издвојуваа победа. Но, тоа не мора ништо да значи и не треба да има никакво опуштаве во играта, туку да се пристапи сериозно во овој натпревар и обезбеди победа.
„Три пати годинава се сретнавме со Целје, извојувавме три победи. Некои мислат дека задачата в сабота ќе ни биде лесно, но знаеме дека нема да ни биде така едноставно. Играме дома, фаворити сме, и тоа треба да го покажеме на терен. Сигурно нема да го потцениме противникот, ова е меч што мора да се добие, но ние не чувствуваме притисок бидејќи последните средби исто така беа мечеви на кои моравме да славиме и ние го сторивме токму тоа“ – изјави Стоилов на прес конференцијата пред два дена.
Директен пренос од натпреварот ќе има на МРТ1 во 17:30 часот.