Денес ракометарите на Вардар ќе го имаат својот вистински тест, против европскиот првак Киелце. Натпревар во кој се очекува да ја видиме вистинската сила на „црвено-црните“, кои немаа до сега натпревар со екипа која е кандидат за Ф4 оваа сезона 2016/17.
Натпревар кој од страна на ЕХФ е прогласен за натпревар на 6-то коло во Лигата на шампионите. Натпревар во кој Алекс Душебаев уште еднаш ќе биде во центарот на вниманието, бидејќи ќе игра против неговиот татко Талант и клубот во кој ќе настапува од следната сезона. Натпревар во кој и двете екипи ќе се борат за позитивен резултат, со кој ќе се рехабилитираат по изненадувачките порази на Вардар од ППД Загреб и на Киелце од Рајн Некар.
Добро се сеќавате на минатогодишниот натпревар во СЦ „Јане Сандански“, кога вардарци го демолираа полскиот тим со 34:24, за потоа тие да ја освојат Лигата на шампионите. Но, денеска нема да биде така лесно, како и тогаш. Иако денес во полскиот тим ќе недостасуваат Михал Јурецки и Петар Храпковски, екипата на Киелце има силен ростер, од кој сите екипи имаат страв и почит.
Вардарци во полн состав ќе го пречекаат европскиот шампион, каде со помош на публиката ќе пробаат повторно да го победат.
Натпреварот започнува од 17:30 часот, со директен пренос на МРТ.
Среќно!