Ракометарите на Вардар денеска од 17:45 часот, ќе имаат можност пред своите навивачи во СЦ „Јане Сандански“ да ја продолжат победничката серија во СЕХА лигата, против екипата на Горење од Словенија.

Екипата која добро ќе дојде на вардарци како силен тренинг, пред саботниот натпревар со Мешков Брест во рамките од Лигата на шампионите. Сериозен противник, кој „црвено-црните“ со нетпрение го очекуваат, бидејќи ќе имаат можност да играат против двајца минатогодишни играчи на Вардар, Алем Тоскиќ и Матјаж Брумен.

Вардар на хартија е фаворит, бидејќи на два пати во подготовките летово ги совладаа словенците. Но, како што и капитенот Стојанче Стоилов изјави, ќе треба да го потврдат тоа денеска на паркетот.

„Тоа е тим во кој настапуваат двајца наши поранешни ракаометари. Двапати игравме во подготовките за оваа сезона со Горење и забележавме победи. Ја познаваме добро оваа екипа. Ние сме фаворити, но треба да го потврдиме и третпат на паркетот“ – изјави Стоилов.

По 6 одиграни натпревари, Вардар е на првото место на табелата со 5 победи и еден нерешен резултат.

„Сега треба да играме официјален натпревар со Горење. Ќе биде поинаку од контролните средби. Сакам да играме против овој тим, бидејќи има играчи кои беа дел од нашиот тим. Сега ние имаме голем број на играчи и сите се спремни за овој натпревар. Ние сме Вардар и мора да бидеме подготвени за победи!“ – изјави Гонзалес.

*Директен пренос од натпреварот на МРТ.