Ракометарите на Вардар денеска од 16:15 часот, ќе го играат првиот натпревар од Лигата на шампионите против веќе добро познатиот противник, екипата на Кристијанштад.

Екипа против која и лани „црвено-црните“ играа во групната фаза, каде двапати победија, најпрво во Шведска (30-25), а потоа и во Скопје (38-36). Кристијанштад пред стартот на новата сезона, направи големи промени во својот ростер. Дури 14 ракометари заминаа, а дојдоа 10 нови имиња. Но, Раул Гонзалез и покрај тоа не сака да коментира околу фаворитски улоги и да прогнозира околу победникот на овој натпревар.

„Кристијанштад има нови играчи, но треба да го почитуваме нивнот квалитет. Јас сакам да играме како на 2-3 натпревари во Скопје во СЕХА лигата. Ќе се обидеме да играме побрзо. Вардар сега има нови играчи, а лани требаше да менуваме 2-3 играчи во напад и одбрана. Тешко е тогаш да се игра брзо. Сега имаме помалку измени“
– изјави Гонзалез.

Македонскиот првак за Шведска замина со 16 ракометари. Во Скопје поради болест останува Владо Недановски, а од тројцата голмани овојпат ќе изостане Петре Ангелов.

Вардарци се очекуваат да одиграат на едно високо ниво, каде без многу проблеми ќе се вратат со 2 бода од гостувањето во Шведска.