Македонскиот првак Вардар денес во директен дуел со конкурентот за првото место, Нант, ќе се обиде на коло пред крај на групната фаза од ЛШ да го обезбеди првото место во групата и директен пласман во 1/4 финалето.
За потсетување, на две кола до крајот, Вардар има 20 бода, а Нант 17. Меѓу нив во моментов е Барселона со 18, но и натпревар повеќе. Имајќи во предвид дека Вардар во последното коло игра со Висла Плок, дури и со пораз денес, ќе биде фаворит за првото место. Па сепак, нема ништо подобро од покажување на својот квалитет со победа на гостински терен над директниот конкурент.
Но тоа нема да биде лесно. Нант е квалитетна и сериозна екипа, иако ова и е прво учество во ЛШ. Впрочем, тоа го покажува и со високиот пласман, искажувајќи ги своите амбиции за пласман на Ф4 турнирот во Келн.
Од друга страна, Вардар се уште се чини дека се мачи да ја поврати формата од пред паузата за ЕП. Вистина, по поразот од Барселона Вардар брзо се опорави и го совлада Пик Сегед, се до 55-та минута тој меч беше целосно отворен. Вардар и на овој меч демонстрираше квалитет и искуство, но и многу грешки во одбраната и во нападот, целосно нетипични за нив.
Денешниот меч е одлична прилика за европскиот првак да покаже дека полека формата се подига и дека Вардар ќе биде најдобар кога е најпотребно – на 1/4 финалниот дуел.
Мечот е со почеток во 17ч, со директен пренос на МРТ 1.